Ковачевски во Бугарија ќе разговара за енергетската криза

0
158

Делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Софија поврзана со енергетската криза.

Работната посета на Ковачевски и делегацијата од ресорите економија и енергетика, како што информираа од владината прес-служба, е за справување со последиците од светската енергетска криза.

Ковачевски во Софија заминува од Белград, каде ја предводеше владината делегација на Првиот меѓународен саем за вино „Винска визија Отворен Балкан на Белградскиот саем“ во рамки на Самитот на иницијативата ОБ, каде беше најавена соработка со цел обезбедување доволни количини струја за стопанството и граѓаните во регионот.

Бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера изјави дека сериозно се подготвуваат за посетата на премиерот Ковачевски на Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Милков во интервју за БНР оцени дека односите меѓу двете држави имаат многу димензии, тие се повеќеслојни и не можат да се мерат со прашањата за снабдување со електрична енергија од Бугарија во Македонија.

– Се очекува да се разговара за широк спектар прашања и да се направат видливи чекори за решавање на сите прашања. Работите ќе се разгледуваат во нивната меѓусебна зависност – изјави Милков и додаде дека кога ќе дојде премиер од соседна држава, треба да се постават сите прашања кои би биле од интерес за двете земји.

 

mia