Бугарска фондација „Македонија“: Македонија нема да стане членка се додека го слави 11-ти Октомври како официјален празник

Додека денеска Македонија го славеше Денот на народното востание, пристигна уште едно шокантно барање од бугарската фондација „Македонија“ која е активна низ цела Македонија, а за која „Фокус“ пишува во новиот број на неделникот кој ќе излезе во четврток.

Имено, од фондацијата порачаа дека Македонија нема да стане членка се додека го слави 11-ти Октомври како официјален празник.

И мешовитата историска комисија ќе стигне до овој период и ќе покаже дека 11 Октомври е криминално дело на 20 лица, чија жртва беше внукот на Дамјан Груев – Петар Дамев! Срамота и гнасотија е 80 години да се лаже цело општество, дека криминалното дејствие на 20 луѓе е „манифестација“ на „македонската волја за слобода“… Срам на кој наскоро ќе биде ставен крај!“, најавуваат од фондацијата чиј претседател Виктор Стојанов во Бугарија го сметаат за борец за правата на Бугарите.

Стојанов е родум од градот Карлово во Србија, а сега живее во Софија.

Тој лани ја основа фондацијата „Македонија“ која е регистрирана во Бугарија, но најголем дел од активностите и се насочени во Македонија.

„Фондацијата Македонија е бугарска културна и образовна организација, основана во април 2021 година од Бугари од Бугарија, Македонија, Албанија и светот со една цел – населението на Република Бугарија и Република Македонија да биде едно општество во две земји“, стои на сајтот на фондацијата.

Денеска од фондацијата се надополнија на претходното барање за забрана на 11 Октомври и порачаа дека народно востание всушност немало, туку тоа било кривично дело.

На денешниот официјален „празник“ во Македонија, посакуваме да им порачаме на Македонците: немало народно востание на 11 октомври 1941 година. Ве лажат. Станува збор за кривично дело на 20 герилци од Тито кои што се фатени од полицијата во Прилеп за неколку часови. Овој „празник“ раѓа омраза кон Бугарите во Македонија и Скопје не може да стане членка на ЕУ додека го „слави“ денешниот датум!

извор: Република