Просечната пензија во Црна Гора меѓу највисоките во регионот

0
211

Износот на просечната пензија во Црна Гора е највисок од сите земји од Западен Балкан, без Словенија и Хрватска, кои се членки на Европската Унија. Просечната пензија во Црна Гора за октомври изнесува 359 евра и е значително повисока од просечната пензија во Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово, покажува анализата на Агенција Анадолија (АА).

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Црна Гора од почетокот на годината трипати ги коригира пензиите, што доведе до тоа црногорските пензионери да имаат пензии значително повисоки од пензиите во земјите од регионот. Последното коригирање од 1 септември, со кое износот на најниската пензија се зголеми на 253 евра, значително влијаеше на зголемувањето на просечната пензија. Она што е сигурно е дека пензиите во Црна Гора ќе продолжат да растат и во наредните месеци, а првото значително зголемување ќе биде од 1 јануари следната година. Тогаш ќе стапи на сила измената на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со која се предвидува минималната пензија да изнесува 270 евра. Тоа ќе влијае и на растот на просечната пензија во земјата. Во Црна Гора во моментов има 128.000 корисници на пензија.

Владата на Црна Гора минатата недела го претстави нацрт-буџетот за 2023 година. Со предложениот нацрт се предвидуваат 35 милиони евра за зголемување на пензиите во наредната година. Но, дека финансиската состојба во Црна Гора не е баш најдобра, потврдува и фактот што средствата што недостигаат во буџетот за следната година се предвидени да бидат 705 милиони евра.

Во Црна Гора, покрај пензиите, од почетокот на годинава е зголемена и минималната плата, што се одрази и на растот на просечната плата во земјата. Минималната плата е зголемена од 250 на 450 евра, а просечната од 500 на 718 евра. Буџетот за следната година предвидува зголемување на платите за просветните работници, вработените во јавната администрација, пожарникарите, полицијата, медицинските работници.

Словенија и Хрватска, очекувано, како членки на ЕУ имаат значително повисоки пензии од останатите земји во регионот. Во Словенија заклучно со ноември просечната пензија беше 812 евра, додека во Хрватска просечната пензија во октомври изнесуваше 410 евра. Во Србија со последното зголемување просечната пензија е 287 евра, додека во БиХ просечната пензија во октомври изнесува 272 евра.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).