Пендаровски-Штајнмајер: Германија ќе продолжи да биде нашиот клучен политички и економски партнер

0
165

Претседателот Стево Пендаровски денеска со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Сојузна Република Германија, Франк-Валтер Штајнмајер, кој престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата, се одржа и пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Германија, по што претседателите Пендаровски и Штајнмајер одржаа заедничка прес-конференција.

Во продолжение е интегралниот текст од изјавата на претседателот Пендаровски:

Почитуван претседателе Штајнмајер,
Почитувани претставници на медиумите,

Денеска имаме голема чест, по скоро деценија и половина, да сме домаќини на еден германски претседател кој ни доаѓа во официјална посета. Во оваа прилика, би сакал да потсетам дека не случајно, мојата прва официјална билатерална посета како претседател ја остварив токму во Германија. Оваа размена на посети на највисоко државно ниво говори многу за односите меѓу двете држави и за пријателството меѓу нашите народи, кои во изминатиов период достигнаа високо ниво и освен во политичка смисла имаа свој позитивен одраз и во развојот на економските релации.

Оваа посета има и своја додадена вредност, бидејќи се остварува во време на крупни гео-политички турбуленции, кога имаме војна на европско тло која предизвикува серија на кризи кои се прелеваат, при што секоја земја се обидува да им обезбеди на своите граѓани сигурност, безбедност и просперитет. Од друга страна, пак, а што е посебно значајно за нас, оваа посета се реализира во годината кога конечно, после многу одложувања ги започнавме преговорите со Европската Унија и кога ни е неопходна поддршка за забрзување на тој процес.

Во време кога вербата во европските интеграции во целиот регион е разнишана, во овој сензитивен период ни е повеќе од потребна помош од големите европски демократии, од предводниците на идејата за обединет континент.

Сојузна Република Германија е еден од нашите најблиски сојузници и најсигурни партнери, а германските власти веќе три децении, во континуитет, ја демонстрираат посветеноста кон нашата држава и нашиот регион.

Затоа, претседателе Штајнмајер во мое лично име и во име на граѓаните на Северна Македонија ви благодарам за оваа посета, која верувам ќе остави силен печат во нашите односи и ќе отвори нови поглавја за соработка.

извор: Кабинет на Претседател