Туркије го доби најголемото подземно складиште за гас во Европа

0
165

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека Туркије со своите иницијативи во енергетскиот сектор има цел да стане глобален центар за одредување на референтните цени на природниот гас, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во местото Силиври денеска се одржа програма по повод завршувањето на проектот за зголемување на капацитетот на подземното складиште за гас, на која обраќање имаше турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а на церемонијата присуствуваше и турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Фатих Донмез.

„Нашата цел е да ја трансформираме нашата земја во глобален центар каде што референтната цена на природниот гас ќе се одредува што е можно побрзо. Ја одредивме нашата енергетска визија за намалување на нашата надворешна зависност од примарните ресурси од 71 отсто на 13 отсто до 2053 година“, изјави Ердоган на церемонијата по повод завршувањето на проектот за проширување на подземното складиште за гас во близина на Истанбул.

Со зголемувањето на капацитетот на складиштето за природен гас во Силиври, Туркије од денеска го поседува најголемото складиште за гас во Европа.

„Подрачјето Тракија, северозападниот регион на земјата, што се граничи со Грција и Бугарија, ќе стане особено важен центар и за природен гас и за течен природен гас (ЛНГ) со зголемен капацитет на ЛНГ и подземно складирање на гас“, додаде Ердоган на настанот во турската област Силиври.

Капацитетот за складирање од 3,2 милијарди кубни метри е зголемен на 4,6 милијарди кубни метри, а дневниот производствен капацитет од 28 милиони кубни метри се искачи на 75 милиони кубни метри.

„Со зголемување на капацитетот, Силиври стана најголемото подземно складиште за гас во Европа“, рече Ердоган.

Ердоган рече дека Анкара е во контакт со Москва, голем производител и извозник на природен гас, нагласувајќи дека тие ќе ги преземат неопходните чекори за да ја направат Туркије енергетски центар.

Тој нагласи дека Туркије со енергетските услуги што денес им ги пружа на своите граѓани и на индустријата е 17-та земја во светот по количини на снабдување.

„Влегуваме во нова ера во која ќе ја доведеме нашата земја до врвот, жнеејќи ги плодовите од трудот што го вложивме во последните 20 години“, рече Ердоган и додаде:

„По зголемувањето на капацитетот, складиштето ќе може да задоволи приближно осум отсто од годишните потреби на Туркије за природен гас.“

Потребите од електрична енергија на објектот ќе ги задоволува ветерна турбина со инсталирана моќност од 4,2 мегавати.

Се очекува објектот да задоволи 25 отсто од дневните потреби на Туркије за гас за време на интензивните зимски денови.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото:Агенција Анадолија (АА).