Шест деца повредени во градинка во Србија , при пад на дел од плафонот

0
240

Во просторијата во која се урнал дел од плафонот била сместена група деца од најмала возраст – јасли. Децата се пренесени во болницата во Нови Сад, но немаат посериозни повреди
Шест деца се полесно повредени откако се урна дел од таванот во градинката „Бошко Буха“ во градот Инѓија, во близина на Белград. Во просторијата во која се урнал дел од плафонот била сместена група деца од најмала возраст – јасли, објави РТС.

Градоначалникот на општина Инѓија, Владимир Гак, изјави дека дел од таванот се срушил и паднал врз децата кои легнале да спијат. Тој посочува дека сите деца се пренесени во болницата во Нови Сад, дека се добро згрижени и дека нема сериозно повредени.

„Нема поголеми, сериозни повреди. Никој нема да биде оставен на дополнително лекување и тоа е најважно, сè друго е помалку важно сега“,

вели Гак и додава дека разговарал со родителите и дека нивната загриженост е оправдана.
Тој наведува и дека немало индиции дека може да се случи вакво нешто.

„На тој дел од таванот немаше ништо обесено, немаше влага, ништо, едноставно неверојатно е да се случи такво нешто“,

рече Гак и додаде дека станува збор за стар дел од градинката која е изградена во 80-тите години.
Сличен случај на овој се случи и кај нас во јуни годинава.

Во градинката „Мајски цвет“, клон „Јасмин“, во населбата Тафталиџе 2 во Карпош, се урна дел од таванот од гипс-картон. За среќа немаше повредени зашто плафонот се срушил во текот на викенд, кога децата не биле во градинката.

 

360stepeni.mk