Надлежен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден, постапувајќи по кривичната пријава поднесена од страна на Министерството за внатрешни работи, презеде истражни дејствија против четворица припадници на затворската полиција. Постои основано сомнение дека осомничените – командир на надворешно обезбедување и тројца затворски полицајци вработени во КПУ Затвор „Идризово“ сториле кривично дело „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ од чл. 373 в.в чл. 22 од Кривичниот законик.
Осомничените, по претходни насоки на првоосомничениот- командир, како службени лица, со умисла, преземајќи и непреземајќи дејствијата што биле должни да ги преземат му помогнале и му овозможиле на осуденикот Беким Мемети да избега. Притоа ги повредиле сите процедури за спровод на осуденик кој издржува затворска казна за потешко кривично дело до здравствена установа. Па така, откако осуденикот се самоповредил расекувајќи ја левата дланка и бил преврзан во домската амбуланта, не побарале лекарска интервенција од брзата помош, за да се утврди дали повредите може да се санираат на лице место, туку по препорака на осудено лице, работно ангажирано во амбулантата, пристапиле кон дејствија самоиницијативно да го однесат повредениот во Ургентен центар. Иако процедурите налагаат доколку осуденикот треба да се третира во здравствена установа, затворската служба да побара асистенција од Министерството за внатрешни работи и возилото за спровод на осуденикот да биде придружувано од полициска патрола, тие не го сториле тоа што претходно било случај кога истото осудено лице било спроведувано до одредена здравствена установа.
Како што е веќе познато, осудениот Беким Мемети откако на ден 12.01.2023 година во ноќните часови се самоповредил, првоосомничениот – дежурен командир наредил кои затворски полицајци треба да го спроведат осуденикот во здравствена установа и кој каде да седи при спроводот. Па така, надвор од правилата, осуденикот бил сместен во средишниот дел на возилото. Второосомничениот дал насока за рутата и возилото се упатило кон Скопје преку автопатот од Петровец кон Скопје. Кога се приближиле до бензинска пумпа на Лукоил, второосомничениот кој седел помеѓу осуденикот и третоосомничениот, започнал да се преместува и свесно му овозможил на осуденикот да го искористи моментот и со лисици на рацете да успее да му го земе службениот пиштол од закопчаната футрола. Третоосомничениот, кој патем бил без оружје, иако сето тоа го следел не презел никакво дејствие за да го спречи осуденикот да го репетира пиштолот и да започне да пука низ возилото барајќи да го сопрат возилото, при што го повредил возачот и возилото застанало, а осуденикот ја отворил вратата, излегол од комбето и се качил во сиво Ауди кое во меѓувреме застанало пред затворското комбе.
Предметниот обвинител заради непречено водење на кривичната постапка, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на тројца осомничени да им биде определена мерка притвор, додека на четвртоосомничениот да му бидат изречени мерки за обезбедување. Судијата го прифати предлогот на обвинителството и на осомничените со решение им определи мерка притвор во траење од 8 дена, а на четвртоосомничениот му изрече мерки на претпазливост забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Обвинителството продолжува да ги истражува причините и мотивите кои доведоа до овој кривично правен настан.
извор: Обвинителство