Денес се навршуваат 22 години од денот кога, заедно со уште седум други бранители, кај Вејце, Тетово, загина водникот Игор Костески, припадник на специјалната единица на АРМ „Волци“.
28-ми април 2001 година е најцрниот ден во поновата македонска историја. Ден кога кај Вејце од страна на припадници на терористичката ОНА, на подмолен начин, во заседа беа убиени, а потоа масакрирани, а некои и живи запалени, 8 бранители, и тоа 4 припадници на Специјалната единица на АРМ, „Волци“, меѓу кои и водникот Игор Костески и четири припадници на посебната единица на СВР Битола.
Нападот се случи кај месноста Брeзовица, на патот од селото Селце кон Вејце, на падините на Шар Планина. Во заседа беа убиени Марјан Божиновски (27), Кире Костадиновски (24), Бошко Најдовски (25), Илчо Стојановски (24), Роберт Петковски (27), Бобан Трајковски (28), Игор Костески (26) и Миле Јанески (30).
Војната во 2001 година заврши со Охридскиот рамковен договор, политички договор чии решенија беа вградени во Уставот на Република Македонија. Жртвата на водникот Игор Костески се вгради во плејадата на 58 борци, херои што низ историјата ги дало селото Слатино, меѓу кои се и прадедото на Игор, кој загинал како комита и дедото, кој загинал како партизан.
ohridpress.mk