Следната недела ќе се знае за колку ќе се зголеми цената на струјата. Поради технички проблеми околу подесувањето на броилата на корисниците, дневната евтина тарифа, која што беше најавена од 1 јули, засега излегува од игра. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) прави напори со цел да се изнајде решение за подесување на броилата што поскоро и да не се чека една година за да се врати дневната евтина тарифа на електрична енергија за домаќинствата, објави dw.com.
„Она што сега го знаеме во делот на МЕПСО е дека цената за загубена електрична енергија во втората половина на годината е некаде околу 130 евра за мегават час, што е далеку пониско од претходните шест месеци, кога беше 220 евра за мегават час, така што тоа позитивно ќе влијае на цената. Во текот на следната недела ќе ги завршиме пресметките“, вели првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски. Прогнозите на надлежните се дека ќе има минимално зголемување на цените на струјата, што ќе зависи најмногу од понудата на ЕВН. Електродистрибуција веќе побара зголемување од 36 проценти.
На цената ќе влијае и зголемувањето на ДДВ од 10 на 18 отсто и тоа за 7,2 проценти. „Ние ги носиме цените без ДДВ и ќе се обидеме и оваа година да бидеме креативни со цел да се избегне ценовен шок врз потрошувачите во државата“, вели Бислимоски.
Евтина струја ќе има, но кога?
Првиот човек на РКЕ е дециден дека евтина струја ќе има, но тоа ќе зависи кога ЕВН ќе успее да ги прилагоди броилата на корисниците на новите цени. „Во овој момент имаме сериозно разијдување за колкав временски период можат да се надминат тие технички проблеми со софтверот“, вели првиот човек на РКЕ.