Министерството за надворешни работи, во врска со влошената безбедносна ситуација во Израел и Газа, информира дека заклучно со денешниот ден, петмина државјани на Македонија кои се наоѓаат во Газа, изразиле интерес да се вратат во државава.
-Потсетуваме дека покрај брачниот пар, за кој од порано имавме информации дека се наоѓаат во Газа, во меѓувреме нашата Амбасада во Каиро е контактирана од семејство – татко и две деца, сите македонски државјани. За децата се обезбедени документи за нивно враќање во Македонија, а од надлежните институции во Каиро и Тел Авив добиена е информација дека сите пет државјани се ставени на листата за евакуација, за што се чека одлука за отворање на граничниот премин Рафах, наведуваат од МНР.
Исто така, додаваат оттаму, двете амбасади на Македонија, во Каиро и Тел Авив, се во постојана комуникација со сите наши државјани, кои во моментот се на безбедно.
Отворањето на граничниот премин е условено со состојбите на терен и во моментот граничниот премин е затворен.
-Во меѓувреме работиме на идентификување и прибирање податоци за евентуално други наши државјани кои би можеле да бидат затекнати во Газа, за што уште еднаш потсетуваме на нашите контакти: СОС телефони на МНР- 075/ 273- 732 и 075/268-736, дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378 и дежурниот телефон на Амбасадата во Кајро +201033615542, посочуваат од Министерството.
извор: МНР