Додека македонската железница пропаѓа, косовската влада денеска организираше свеченост по повод завршувањето на работите на реконструкција на пругата од Косово Поле кај Приштина до македонската граница, до местото Генерал Јанковиќ (Хани и Елезит). Премиерот Аљбин Курти рече дека станува збор за пруга по сите европски стандарди со 13 нови мостови и седум тунели од кои еден е долг 262 метри, а друг 122 метри, а кои беа разурнати за време на војната од деведесетите години. Според Курти, станува збор за еден од најважните инфраструктурни проекти за поврзување на Косово со регионот. Целта е поврзување на Косово со Скопје и Солун. Во план е почеток на избрадба на пруга која Косово ќе го поврзе со Драч, Албанија.
Во соопштението на Владата на Косово се наведува дека вредноста на работите на оваа железничка делница е над 164 милиони евра, додека над 200 милиони евра е планираната вредност за преостанатиот сегмент до Митровица и од Митровица до северната граница на Косово.
Курти изрази благодарност до Европската унија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, за поддршката на финансирањето и рехабилитацијата на оваа железничка пруга, „која граѓаните на Косово уште повеќе ќе ги доближи до Европската Унија“.
„Овој проект со години се соочуваше со многу предизвици и пречки. Тие се надминуваат благодарение на решителноста на раководителите, инженерите и работниците на Косовските железници – јавното претпријатие Инфракос, нашето Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, Министерството за економија… и Министерството за финансии, труд и трансфери“, изјави Курти.