Под влијание на серија на влажни и постудени воздушни маси од северозапад, во текот на новата седмица која што ни следува во Македонија ќе имаме многу променливо време. Првиот и вториот ден од новата работна седмица (понеделник и вторник) ни носат постабилно и релативно суво време. Веќе нови врнежи од дожд, локално и обилни ќе имаме во среда попладне и во вечерните часови.
Потоа во четврток повторно ќе имаме краткотрајна стабилизација на времето, а веќе во петок, како и за време на викендот ќе имаме нови врнежи од дожд, локално повторно тие ќе бидат обилни. За време на овие влажни бранови, локално не се исклучува можноста и за појава на нестабилност, проследена со пороен дожд и грмежи.
Повремено ќе дува засилен ветер од северен правец, особено во среда попладне и навечер, и повторно во петок, како и за време на викендот кога ќе бидеме под влијание на постуден воздушен бран од север.
Мора да напоменеме дека на високите планини (околу и над 2000 м.н.в ќе има врнежи од снег). Повремено снежната граница ќе се спушта и на планините од под 2000 метри.
Првиот мраз за оваа сезона во Македонија и тоа на повеќе места го очекуваме за време на следниот викенд, како и во текот на следната седмица по него, вели Славчо Попоски.