Обвинителството доби вештачење за настанот со злоупотребени фотографии на малолетни девојчиња од страна на деветоодделенци во Кавадарци. Од ЈО потврдиле попладнево за МИА дека наодот од нареденото вештачење тукушто е доставен до обвинителството и се разгледува, по што ќе биде донесена одлука. Вештачењето било во врска со монтажите.
Претходно, МИА информираше дека ОЈО Кавадарци оформило предмет за настанот со злоупотребени фотографии на малолетни девојчиња од страна на деветоодделенци во Кавадарци. Тогаш, ОВР Кавадарци до Основното јавно обвинителство Кавадарци достави известување против непознати лица.
ОЈО Кавадарци веднаш оформи предмет и ќе даде насоки да се преземат дејствија за откривање на сторители“, беше соопштено тогаш од ЈОРМ.
Настанот со злоупотребени фотографии на малолетни девојчиња од страна на деветоодделенци во Кавадарци, се случил надвор од училиштето.
МИА на 13 октомври информираше дека шест малолетници од основно училиште кои се пријавени во кавадаречката полиција, злоупотребиле фотографии од малолетни девојчиња.
Родител на едно од девојчињата за МИА навел дека деветтоодделенците правеле монтажи, главите од фотографии преземени од Фејсбук на повеќе девојчиња, помлади и постари од нив, ги монтирале со апликација на експлицитни фотографии од голи тела и ги споделувале по групни четови.