Руска ФСБ: Најмалку 40 мртви во пукањето на концерт во близина на Москва

0
43

Најмалку 40 лица се убиени во петокот, 22 март, во пукање во концертна сала во близина на Москва, објавија руските државни медиуми, повикувајќи се на Федералната служба за безбедност (ФСБ).

Повеќе од 100 луѓе беа повредени кога неколку напаѓачи во маскирни униформи отворија оган во „Крокус Сити Хол“, во Красногорск во близина на Москва, пред настапот на групата „Пикник“, соопшти ТАСС.

Видео-снимките од местото на настанот покажуваат пожар и облак црн чад што се издигаа од зградата на Крокус Сити Хол, која се наоѓа во луксузен кварт на работ на Москва.

Државната агенција РИА Новости објави дека најмалку тројца вооружени лица биле вмешани и дека, се чини, отвориле оган со автоматски пушки.

Руските медиуми јавуваат дека на местото на несреќата се испратени десетици возила на брза помош.

Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин најави дека ќе бидат откажани сите јавни настани планирани за овој викенд во руската престолнина.

„Одлучив да ги откажам сите спортски, културни настани и други масовни настани во Москва овој викенд“, објави Собјанин на Телеграм.

Белата куќа вели дека нема индикации за вмешаност на Украина

Белата куќа соопшти дека нема индикации дека Украина е вмешана во нападот во концертната сала во Москва.

„Засега нема индикации дека Украина или Украинци биле вмешани во пукањето“, изјави за новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби.

„Сега би ве одвратил од каква било врска со Украина“.

Москва: САД да ги споделат сите информации што ги имаат

Русија рече дека ако САД со сигурност знаат дека Украина не е вмешана во пукањето во концертната сала во близина на Москва, Вашингтон треба да ги сподели сите информации што ги има.

„На која основа официјалните лица во Вашингтон донесуваат заклучоци за нечија невиност среде трагедија“, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.

Таа додаде дека доколку Вашингтон има информации треба да ги сподели, а доколку нема информации да не зборува на таков начин.

Извор: slobodnaevropa.mk