Апелација ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“, предметот вратен на повторно судење

0
36

Апелациониот суд Скопје денеска соопшти дека ја укинал пресудата во случајот „Меѓународен сојуз“ и го вратил предметот на повторно судење во делот во кој Бојан Јовановски-Боки 13 и уште две други обвинети беа осудени за измама и перење пари и во делот во кој беше осудена и невладината организација „Меѓународен сојуз“.

Освен ова Апелацискиот суд Скопје ја потврди првичната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје дека универзитетската професорка Фросина Ташевска Ременски и поранешната секретарка на Боки 13, Христина Блажевска не се виновни за кривичното дело измама.

Што се однесува до таткото на Боки 13, Миле Јовановски, Апелацискиот суд ја преиначи првичната пресуда и го осуди на една година казна затвор за кривичното дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Истовремено, скопскиот Апелациски суд со решение ги уважи жалбите на Боки 13, Јасна Ерцеговиќ и Христина Блажевска и невладината организација „Меѓународен сојуз“ и предметот го врати на повторно судење.

„Истовремено, Апелацискиот суд Скопје, со решение ги уважи жалбите на обвинетите Б.Ј., Ј.Е., Х.Б. и обвинетото правно лице М.С., сите од Скопје и по повод жалбите и по службена должност пресудата на Основниот кривичен суд по однос на обвинетите Б. Ј. и Ј.Е. за кривичните дела измама и перење пари и други приноси од казниво дело, како и по однос на обвинетите Х. Б. и М.Ј. за кривичното дело перење пари и други приноси од казниво дело и обвинетото правно лице А.З.Ц.О.С.З.К- М С. за кривичното дело измама, ја укина и предметот во тој дел го врати на повторно судење пред првостепениот суд“, информираа денеска од Апелацискиот суд Скопје.

Во предметот „Меѓународен сојуз“, Боки 13 и уште четворица беа обвинети дека преку истоимената невладината организација измамил бизнисмени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси.