Платите растат, иако работниците велат дека тоа е недоволно за да се издржи високата инфлација. Светската банка предупредува дека платите не се во согласност со продуктивноста на економијата. Трошиме повеќе отколку што создаваме и со тоа ќе се зголемува дефицитот во Буџетот, но и државниот долг.
Платите во Северна Македонија растат побрзо од растот на Бруто домашниот производ (БДП), што доведува до пад на продуктивноста. Овој тренд предизвикува загриженост поради ризици од натамошно продолжување на инфлацијата.
Состојбата на намалена продуктивност ја забележа Светската банка во најновиот економски извештај за Северна Македонија. Ефектите од тоа, според економскиот аналитичар Павле Гацов ќе бидат зголемен дефицит во Буџетот, но зголемено задолжување на државата.
„Ќе мораме да се задолжуваме дома или надвор за да го затвориме она што го трошиме повеќе. Значаен дел од растот на платите во земјата е генериран од зголемувањето во јавниот сектор, каде имате раст од цели 25 отсто во однос на истиот период лани, што значи поголеми расходи кои за жал не се следени со поголеми приходи, кои растат со само 4 проценти во Буџетот. Ефектот е зголемен дефицит и на крајот зголемен долг“, вели Гацов.
Светска банка – ризици од зголемени плати
Светската банка во редовниот Економски извештај за Западен Балкан во Северна Македонија наведува дека се намалуваат инфлаторните притисоци поради соодветен одговор на политиките на државата, но посочува дека гледат ризик во зголемување на платите кои не се во согласност со продуктивноста.
„Тоа е нешто што може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво во 2024 година“, рече Сања Маџаревиќ-Шујстер – виш економист во Светската банка.
Продуктивноста во економијата претставува мерка на способноста на производните фактори во создавањето на производи и услуги – колку се тие ефикасни во користењето на ресурсите, како што се работната сила, капиталот, земјиштето и суровините… Висока продуктивност на една економија води до економски раст и подобрување на животниот стандард.
Гацов вели дека во земјава намалувањето на продуктивноста се случува подолго време, но особено во последниот период со забрзаниот раст на платите.
Тој објаснува дека со послаб на раст на понудата на стоки и услуги (реалниот сектор) во однос на растот од побарувачката е класичен пример за тоа како растат цените (инфлација).
Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk