Молебен во чест на Свети Кирил во Рим

„Кирил бил со векови пред времето, Кирил го вградил не само својот живот, туку и нашиот живот на некој начин во Европа пред многу, многу векови и тоа мора да го почитуваме“, изјави денеска македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова по молебенот во чест на Свети Кирил, во базиликата „Свети Климент“ во Рим, каде се наоѓа и гробот на сесловенскиот просветител.

„На Кирил му било јасно значењето на зборот, на речта, на мислата, бидејќи тоа значи обединување, разбирање, слушање, говорење“, рече Сиљановска Давкова, додавајќи дека пораката на Кирил дека јазикот е код на разбирање е доказ дека тој на ум имал обединување на сеслосвенскиот свет.

Митрополитот Европски, владиката Пимен, кој заедно со митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј го водеше молебенот пред гробот на Сети Кирил, изјави дека настанот е особено значаен во теолошка смисла:

„Токму тука, каде почива Свети Кирил, е победена тројазичната ерес. Тоа покажало дека на секој јазик може да се слави Господ Бог и со тоа се дава можност секој човек на свој јазик да слушне за Господа и да не биде само пасивен посматрач, туку активно да може да се посвети на службата“, рече Пимен.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамките на одбележувањето на Денот на сесловенските просветители денеска ја посети и базиликата „Санта Марија Маџоре“, каде положи венец на спомен – плочата на македонски јазик во чест на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.

 

DW