МНР повика државјаните на Северна Македонија да го напуштат Либан

0
28

Министерството за надворешни работи (МНР) денеска (23 јуни) повика сите државјани на Република Северна Македонија што се наоѓаат во Либан да ја напуштат оваа земја во првата можна прилика поради влошената безбедносна ситуација.

„Исто така, апелираме да се одложат сите патувања кон оваа држава, кои не се неопходни. Постои можност за натамошно влошување на ситуацијата, а со тоа и намалени можности за навремено напуштање на Либан. МНР ги става сите свои капацитети за асистенција на нашите државјани и посочува на СОС дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи +389 75 268 736 и мејл адресата globalsos@mfa.gov.mk“, пишува во повикот на МНР.

Во последниве недели ескалираше размената на оган преку либанската граница меѓу Израел и моќната милитантна група Хезболах поддржана од Иран, сојузник на Хамас кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ.

Ескалацијата ги зголеми стравувањата од проширување на војната од Појасот Газа.

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш на 21 јуни порача дека прекуграничните непријателства не смеат да го претворат Либан во „уште една Газа“, предупредувајќи на ризикот од предизвикување „незамислива“ катастрофа.