Валентин Андон го носи планинскиот чај на пазарот во Америка

Надалеку познатиот „Планински чај“ Македонците од Пустец го продаваа најмногу во Охрид. Новото време донесе нови генерации, а Валентин успешно го гради брендот „Активити“ на пазарот во Америка. Роден во Корча, по потекло Македонец од Мала Преспа, Валентин по завршеното „Средно медицинско“ во Охрид замина на студии во Чикаго. Една година потоа тој е студент и млад бизнисмен кој увезе чај од Албанија во САД и го продава онлајн на интернет по брендот „ Activitea“ на сајтот http://activitea.shop/

Како дојде на идеа да почнеш со увоз на чај во Америка ?

Кога стигнав во Чикаго во август 2019 веднаш барав работа бидејќи животот е скап, а дополнително имам трошоци околу школарината за факултетот. Најпрво работев во теретаната на Универзитетот и во ресторан. Но моите амбиции беа и се поголеми. Јас потекнувам од Мала Преспа во Албанија каде чајот се одгледува во големи количини. Чајот во Преспа е како тутунот во Прилеп. Но заради ниската откупна цена големи количини чај останаа кај луѓето кои го одгледуваат. Меѓу останатите чајот остана непродаден и кај моите баба и дедо. Така дојдов до идеа со мојто вујко да започнеме со увоз на чај во Америка и негова продажба овде. Го осмислив брендот „Активити“ ( Actevytea ) направивме регистрација и го заштитивме како трговска марка во Америка, ги добивме сите потребни дозволи од федералните агенции за храна и првата количина чај стигна кај нас, а потоа и на пазарот. За почеток продаваме онлајн, но веќе сме во разговори да продаваме и директно во продавници. Овде има продавници кои продаваат балкански продукти. Може да се најдат повеќе брендови како „Краш“, „Подравка“, нашата „Витаминка“… Мислам дека и чајот од балканот ќе успееме да го понудиме на овие продавници. Оптимизмот секогаш треба да не води и мислам дека наскоро „Активити“ ќе се најде на рафтовите во малопродажбата.

Дали си задоволен од почетокот ?

Немам причина да сум незадоволен. Еден мој многу добар другар често ја користи јапонската мудра мисла: „ Најдолгиот пат почнува со еден мал чекор “. Сега сум на првиот или вториот чекор од долгиот пат. Задоволен сум со почетокот и веќе се подготвуваме за втората количина чај која треба да тргне на пат за САД. Детално анализи за успехот ќе правам после една година, но со труд и упорност сигурно ќе има солиден успех.

Дали си премлад за старт на свој бизнис ? Имаш само 20 години.

Не ! Тоа што имам 20 години не е хендикеп за мене, тоа е предност бидејќи имама енергија да работам повеќе. Јас сега имам 20 години, а подготовките за старт на „Активити“ ги започнав кога имав 19 години. Искуството се стекнува навреме. Мислам дека сосема навреме почнав да стекнувам искуство во бизнисот.  Мислам дека сум доволно амбициозен. Можеби немам преголемо искуство, поточно воопшто го немам, но имам многу читано книги од менаџмент до мотивациски книги и книги кои го развиваат умот за напредување во животот. Уште во Македонија се дружев со повозрасни од мене и имам и пријатели кои се поискусни, па некогаш се консултирам и со нив.

Забележавме видео реклами за твоите производи. Сам ги создаваш ?

Да, ги снимам рекламите сам. Имам искуство бидејќи снимав реклами во Охрид додека се школував во средно. Тие кампањи беа наменети и креирани само за интернет. Тоа е полесен и поедноставен начин на работа и е многу корисен бидјеќи секој сам може да си создаде видео реклама со пристоен изглед и тоа да му помогне во работата. Искуството што го стекнав на тие снимања го применив сега во мојата кампања која ја создавам сам и немам никакви трошоци.

ВИДЕО СО СОВЕТ КАКО ПЛАНИНСКИОТ ЧАЈ ДА СЕ КОРИСТИ ЗА ПОДГОТОВКА НА КОКТЕЛ ОД ЧАЈ И МАРТИНИ:

Какви цели имаш за во иднина ?

Да работам, да учам и да живеам со полн капацитет. До сега сите три семестри ги поминав со максимален успех. Моите планови се поврзани со Македонија каде планирам да се вратам по дипломирањето, но за детали од оваа перспектива не можам да зборувам. Конкретно со Македонија и работата сега ќе ме поврзува онлајн трговијата бидејќи по празниците ќе започнам да инвестирам и во порталот kupionline.mk преку кој разгледувам опции да продавам продукти кои би ги извезол овој пат од САД во Македонија. Тоа сигурно ќе го направам бидејќи  инвестицијата ќе е многу мала, а јас сакам да го стекнам и тоа искуство. Сепак онлајн трговијата е иднината.

Како изгледа студирањето во ова време на пандемија ?

Студирањето се одвива онлајн. На факултет настава следев до март, а од тогаш до сега се е онлајн. Од една страна тоа го ускратува контактот со професорите во живо, но од друга страна овозможува поголема слобода и можност да се учи и повеќе да се работи. Можете да слушате часови додека одите по улица, додека возите… Не мислам дека ако си во предавалната имаш повеќе концентрација. Концентрацијата зависи од тоа колку те интересира тоа што го зборува професорот, а не дали си во училница, дома или надвор. Ако не те интересира предавањето нема да го слушаш ни во училница, а ако те интересира вниманието ќе го задржиш и да го слушаш со слушалки и да одиш на улица. Така мислам јас , барем што се однесува до мојот факултет „Маркетинг и менаџмент“. Сигурно ако некој студира медицина, ситуацијата е поинаква.

Ти недостасува ли Охрид , роднините , пријателите ?

Со родителите, со братми и пријателите сум во секојдневен контакт. Денес веќе е 2021 година и средствата за комуникација се такви што бесплатно може да се гледате секој ден со кого сакате. На моменти се јавува желба да ги видам најблиските, а секако дека ми се јавува желба да го видам и Охрид. Доколку следното лето светот е нормализиран сигурно ќе дојдам.

Спортуваш ли во Америка ?

Да тоа е составен дел од мојот живот без кој неможам. Редовно одам во теретана, кога имам време одам и на базен да пливам. Единствено не го практикувам овде боксот кој во Охрид го практикував редовно со тренер. Немам доволно време, но неможе се да се прави. За да се остварат целите нешто мора и да се жртвува.

Валентин во теретаната на кампусот од универзитетот каде студира.

Што би им порачал на твоите врсници, и на младите воопшто ?

Да бидат со добри мисли, да се развиваат умствено и телесно и животот да го сватат како одредено време кои треба да се исполни со работа и задоволства. Значи да работат, да си прават задоволства и да се исполнат со позитивни и добри мисли кои од секој ќе направат подобар човек. И секако да спортуваат и да се одржуваат здрави и во добра форма. 

ЖИВОТОТ Е БАЛАНС МЕЃУ РАБОТА И УЖИВАЊЕ

Како живееш во Америка? Убав ли е животот ?

На патување во Калифорнија, пред симболот икона на светската кинематографија.

Животот е секаде убав ако човек знае да го живее. Секој човек треба да има баланс меѓу работата и задоволствата. Не треба да се робува на парите и кариерата, но не треба ни да не се прави ништо зата што секој ден треба да сме подобри од вчера. Подобри во работата, во знаењата, па и подобри како луѓе. Америка е голема и убава и успеав да ги поседам Колорадо, Ајова, Охајо и Калифорнија. Бев во Холивуд, Лос Анџелес… Си поминав прекрасно затоа што бев во друштво на мојата девојка која е од Кина и затоа што тоа ми беше целта. Да си поминам убаво на патувањата. Така е со се останато треба да се има цел и така да се програмира умот.