Во првите 100 дена од мандатот комплетно реализиравме 29 проекти, и започнавме со реализација на дополнителни 13 проекти. Работевме интензивно, транспарентно и постојано помеѓу граѓаните, таму каде што и ни е местото. Така и ќе продолжиме, затоа што вредноста во политиката не е во она што ќе кажат политичарите за време на изборната кампања, туку тоа што ќе го направат за народот и општината откако ќе ја добијат довербата, кажа градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, на денешниот отчет за 100 дена локална самоуправа на градоначалните од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во скопскиот регион – „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Животната средина е на врвот на моите приоритети. Во првата недела од мандатот спроведов ревизија и донесов решение со кое ја запрев постапката за отворање на нов хемиски отпад на територија на општина Гази Баба. Спречивме отворање нов хемиски отпад и двојно ги зголемивме средствата за подигнање на нови зелени површини. Исчистивме над 35 диви депонии кои беа на јавните површини низ Гази Баба. За прв пат воведовме субвенционирање на граѓаните кои ќе купат нов велосипед и електричен тротинет, како и субвенционирање за чистење на оџаците и вградување на уреди за течен нафтен гас на автомобилите. Додека двојно ги зголемивме средствата предвидени за субвенции за инвертер клими и печки на пелети. Гази Баба ќе ја направиме најзелена општина во градот Скопје“, рече Стефковски.
Стефковски посочи дека инфраструктурата е област од која произлегуваат најголемите проблеми на граѓаните и затоа од првиот ден неуморно се работи за истата да се подобри. Асфалтирани се улици во Трубарево, Булачани и Колонија во должина од над 2000 метри, додека тампонирани се улици во Инџиково, Гоце Делчев, Раштак, Хиподром 2, Јурумлери и други населени места во должина од над 3000 метри. Изградени се тротоари и пешачки патеки во Автокоманда, Железара, Триангла и Виниче во должина од над 1500 метри. Додека во тек е и изградбата на пешачка и велосипедска патека на кејот на реката Вардар од салонот Мерцедес до Јурумлери во должина од 2200 метри.
„Се зафативме со решавање на проблемот со фекалните канализации во повеќето населени места. Ја започнавме и завршивме првата фаза на фекална канализација во Страчинци во должина од 700 метри, инвестиција вредна над 5 милиони денари, ја започнавме втората фаза на фекална канализација во Гоце Делчев во должина од 1000 метри, инвестиција вредна над 10 милиони денари. Ја започнавме и фекалната канализација на крак од улица Сава Михајлов во Ченто. Ги продолживме градежните работи на фекалните канализации во Смилковци, Црешево и Јурумлери“, рече Стефковски.
Стефковски додаде дека се започнало со решавање на проблемот со водоснабдувањето на селата Брњарци и Раштак. За Брњарци се направила бушотина и се добило позитивно мислење за користење на водата за пиење. Направена е набавка на пумпи и во тек е изработка на проект со кој водата од бушотината ќе се спроведе до резервоарите на Брњарци. Додека за Раштак исто така се направени бушотини, поставени се водомери и пуштена е новата мрежа. По цели 25 години реконструиран е резервоарот за вода во Црешево со што е решен проблемот со губење на водата.
„Инспирација на нашата работа се нашите дечиња за кои се грижиме да добијат достојни услови за безгрижно детство, но и квалитетно образование и воспитание. Во таа насока отворивме катче за учење и дружење во ООУ Стив Наумов во Автокоманда, како и сензорна соба во ООУ Дане Крапчев во Ченто. Ја започнавме втората фаза на изградба на училишната сала во Стајковци, а започнавме постапка за изградба на нова училишна сала во Булачани“, изјави Стефковски.
Стефковски додаде дека инвестициите во спортот се инвестиции во здрави генерации, за таа цел извршена е комплетна реконструкција на кошаркарското игралиште во ООУ Григор Прличев во Железара со поставување на тартан подлога и менување на таблите од кошевите, а реконструирано е и кошаркарското игралиште во Ченто. Тој кажа дека се зголемени буџетските средства за финансиска поддршка на спортските клубови и индивидуалните спортисти во општината.
„Од аспект на социјалната заштита во изборниот период ветив еднократна парична помош за прво родено дете но по направените анализи воведовме еднократна парична помош во висина од 5000 денари не за прво, туку за секое родено дете на територија на општина Гази Баба. Воведовме и еднократна парична помош за првоодделенче во висина од 3000 денари. Реализиравме хуманитарни акции во кои поделивме над 500 хуманитарни пакети на социјално загрозени семејства“, рече Стефковски.
Тој посочи дека јавната чистота и комуналната хигиена се најчестите барања на граѓаните. Во таа насока во првите 100 дена завршена е набавката на нова опрема и нова механизација за Јавното комунално претпријатие Гази Баба 2007, ставени се во функција 6 контејнери за кабаст отпад и камион специјализиран за подигање на истите. Поставени се клупи, корпи за отпадоци и урбана опрема во најголемиот дел од населените места.
„Проекти ќе се реализираат насекаде низ Гази Баба затоа што одлика за ВМРО-ДПМНЕ е ветеното да се реализира. Одговорноста пред својот народ е најголема, а најважен фактор во одговорноста е дадениот збор и исполнето ветување. Јас стојам зад дадениот збор и зад секое дадено ветување. Гази Баба ќе ја направиме подобро место за живеење“, заклучи Стефковски.