Ин мемориам: Почина поранешниот судија на Врховниот суд, Сабит Кранли

0
363

Денеска починал поранешниот судија во Врховниот суд, Сабит Кранли кој последно претседаваше со комисијата за помилување во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Кранли беше роден на 20 јануари 1945 година во Ресен во турско семејство. Основно и средно образование завршил во Ресен.

На Правниот факултет во Скопје дипломирал во 1968 година . Од ноември 1968 година се вработил како судски приправник во тогашниот Општински суд во Ресен. По приправничкиот стаж, во месец декември 1970 година, положил правосуден испит. За првпат судија на Општинскиот суд во Ресен е избран во 1971 година. Од 1975 година до 1989 година вршел функција на Претседател на тој суд. По истекот на мандатот на таа функција, останал во судот како судија на тој суд до летото 1995 година.

Од јули 1995 година е избран за судија на Врховниот суд на Република Македонија. Инаку за време на функцијата судија на тогаш Општинскиот суд во Ресен, односно Претседател на тој суд, вршел и разни општествено политички функции, меѓу кои, две години бил Претседател на Општинскиот синдикален совет, а по еден мандатен период и пратеник во Соборот на општини на тогашното Собрание на СРМ.

Во текот на 1990 и 1994 година бил претседател на Општинската изборна комисија на Изборната единица во Ресен. Во 1998 година е именуван за член на Државната изборна комисија. Еден период бил и заменик на претседателот на таа комисија.