(ВИДЕО) Фудбалска репрезентација замина за Порто, Ковачевски им посака среќа и вети 500.000 евра ако се пласираат на СП

Македонската фудбалска репрезентација попладнево со чартер – лет замина за Порто, каде во вторник вечер против домаќинот Португалија ќе го одигра финалето од баражот за пласман на Светското првенство во Катар.

Фудбалерите и стручниот штаб во авионот ги испрати премиерот Димитар Ковачевски, кој им посака успех и им вети премија во износ од 500.000 евра за пласман на Мундијалот.

– Шампиони, вие за нас секако сте победници и наша гордост. Веруваме во вас и затоа сакам да ви посакам успех на натпреварот со Португалија, а ние како Влада најмалку што можеме да направиме е да ве наградиме со 500.000 евра доколку се пласирате на Светското првенство, изјави Ковачевски.

Македонската репрезентација утре ќе го одржи единствениот тренинг на стадионот „Драгао“, на кој во вторник од 20:45 часот го игра решавачкиот натпревар за историски пласман на Светско првенство.