Мицкоски: Додека народот крпи крај со крај, за 30 илјади нови партиски војници е зголемен бројот на вработени во државната управа во изминатите 5 години

Тезата дека отвориле нови работни места или дека и тргнало на економијата е погрешно, неточно односно лажно, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во емисијата „Што не е јасно“ на ТВ Алфа, посочувајќи дека додека народот крпи крај со крај, владата на СДСМ отворила само 24.000 нови работни места во приватниот сектор, додека во јавниот сектор бројот го зголемила за нови 30.000 места, односно како што рече тој исклучително станува збор за партиски војници.

Ако ги споредиме двете влади таа на ВМРО-ДПМНЕ и оваа на СДСМ, таа на ВМРО-ДПМНЕ во тие 10 години од 2006 до 2016, и оваа сега на СДСМ овие 4 години, бидејќи петата не е комплетна, доаѓаме до следен заклучок, во владата на ВМРО-ДПМНЕ во тие 10 години во приватниот сектор се креирани нови 180.000 работни места, или просечно по 18.000 работни места годишно, а во јавниот сектор се намалил бројот иако ја обвинуваат таа влада дека го преоптовариле јавниот сектор за 26.000, рече Мицкоски.

Ако ги споредиме овие 4 години на влада на СДСМ со тој ќе дојдеме до ситуација дека тие во приватниот сектор во овие 4 години успеале да креираат 24.000 нови работни места, или по 6.000 работни места годишно, што е три пати помалку спореден со владата на ВМРО-ДПМНЕ. Но во јавниот сектор тие практично тоа што се намалило од ВМРО-ДПМНЕ 26.000 тие го зголемиле со нови 30.000 вработени во јавниот сектор, и можете да претпоставите дека исклучително станува збор за партиски војници, вели Мицкоски.