Двајца полицајци од граничниот премин Блаце ќе добијат кривични пријави за делото примање поткуп, а внатрешна контрола во МВР ќе започне и дисциплинска постапка против нив, соопштија од Министерството откако за случајот ТВ Клан објави видео на кое се гледа примањето поткуп.
Како што соопшти МВР, полициските службеници до завршување на дисциплинската постапка се отстранети од работното место согласно одредбите од Колективниот договор на Министерството.
„Во врска со случајот со земање поткуп на граничниот премин Блаце, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во координација со надлежното обвинителство, како и службите за внатрешна контрола на Република Косово и Република Албанија, го документираше кривично правниот настан и изврши службени разговори со полициските службеници“, информира МВР.