Зеленски: „На Украина ѝ требаат повеќе ракетни фрлачи“

0
287

Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, изјави дека на Украина ѝ треба повеќе оружје за заштита на цивилите поради нападите на руските сили, јавува Агенција Анадолија (АА).

Тој ги даде овие коментари на виртуелниот Самит на лидерите на Г7, каде говореше за војната, која трае веќе над два месеци.

„Јас сум ви благодарен за помошта во одбраната што веќе ја добивме. Како и во Втората светска војна, судбината на слободата се решава на бојното поле. Затоа, Украина мора да го добие сето оружје и сета одбранбена опрема што ќе овозможи пораз на тиранијата – особено ракетните системи за повеќекратно лансирање M142 ХИМАРС и M270 МЛРС и друго оружје што Украина го побара од вашите моќни држави“, рече Зеленски.

Тој истакна дека Москва погодила цели во Одеса и други градови.

Покрај тоа, украинскиот лидер рече дека сите руски офицери кои „служат на тиранијата“ треба да бидат вклучени на списокот со санкции.

„Сите Руси кои вршат воени злосторства треба да бидат уапсени преку меѓународна соработка и да се соочат со правдата“, рече тој.

Меѓу темите на кои се осврна беше и финансискиот удар што војната го нанесе на Украина. Тој рече дека се потребни најмалку 600 милијарди долари за поправка на сериозно оштетената инфраструктура во Украина.

Во меѓувреме, украинската национална новинска агенција „Укринформ“ го цитираше Зеленски дека е „невозможно“ да се влезе во опколениот пристанишен град Мариупол со воени средства бидејќи Украина нема тешко вооружување за да овозможи таков потег.

Најмалку 3.309 цивили загинаа, а 3.493 се повредени во Украина откако Русија започна војна против земјата, според проценките на ОН. Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.

Според Агенцијата за бегалци на ОН, над 5,8 милиони луѓе пребегале во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени.

извор: Агенција Анадолија (АА).