Мицевски: Од утре активна блокада на Собранието

Денес пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“ имаше координативна средба на која што присуствуваше и претседателот, Христијан Мицкоски. На координативната средба се разговараше по единствена точка, активна блокада на Собранието на Република Македонија. Едногласно беше прифатена одлуката која што претходно ја донесе Извршниот комитет на партијата од утре да се пристапи во Собранието со активна блокада на сите штетни закони, политики застапувани од неодговорната и неспособната власт, истакна координаторот на пратеничката група од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Никола Мицевски.

Во продолжение ја пренесуваме изјавата во целост:

Активната блокада е последица, реакција на акцијата на Владата на Ковачевски, предводена од СДСМ и ДУИ, кои што не покажаа чувство за државност и одбија секаква можност за дијалог по најважните прашања во оваа држава.

Епилогот активна блокада уследува откако претходно Ковачевски и Владата одбија дијалог во четири клучни области за граѓаните, економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија, и како природно решение на сите овие проблеми, разговор за датум за предвремени избори и соочување со волјата на граѓаните.

Тоа што Ковачевски од целата оваа понуда за нормален дијалог се фокусира само на предвремени избори покажува дека всушност и тој е свесен дека е премиер на Влада која што нема поддршка од народот и во тоа е болката, се плашат од соочување со граѓаните. А, понудата на ВМРО-ДПМНЕ која што опфаќа и решенија во економија, здравство, образование, надворешна политика и разговор за предвремени избори не е шведска маса со која што премиерот може да се служи во сегментите во кои што само на него му одговараат.

Ќе има активна блокада зошто имаме живот во национална катастрофа.

Активна блокада за спас од ценовните шокови.

Активна блокада на криминалната банда на власт.

Активна блокада на лицемерието на власта, на предавствата, за спас од сиромаштијата.

Ова е процес кој што ќе трае, а ние сме подготвени да одиме до крај.

Затоа што можеме и мораме да ја осигураме иднината на нашите сограѓани.