Саудискиот престолонаследник потврди дека ќе го зголеми производството на нафта на 13 милиони барели дневно

Престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, потврди дека ги зголеми капацитетите за производство на нафта во земјата на 13 милиони барели дневно, известува Агенција Анадолија (АА).

Самитот за безбедност и развој во Џеда, на кој присуствуваа американскиот претседател Џо Бајден и лидерите на 9 арапски земји, започна со воведен говор на саудискиот принц Бин Селман.

Во обраќањето тој нагласи дека светот минува низ период во кој се соочува со бројни предизвици.

„Се надеваме дека самитот ќе изгради нова ера на соработка меѓу нашите земји и САД за да се разбуди стратешкото партнерство, кое би служело на нашите заеднички интереси и за воспоставување безбедност и развој на регионот“, рече Бин Селман.

Тој порача дека е потребно интензивирање на меѓународните напори за борба против глобалните предизвици.

Селман додаде дека Саудиска Арабија одлучила да го зголеми производството на нафта на 13 милиони барели дневно, како што претходно најави, и дека преку тоа нема да има никакви дополнителни капацитети.

Во своето обраќање се осврна и на односите со Иран.

„Како соседна земја, го повикуваме Иран да биде дел од оваа визија со земјите од регионот, почитувајќи ги принципите на легитимитет, немешање во внатрешните прашања на другите земји и соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија“, рече Бин Селман.

Саудискиот престолонаследник не откри дел од плановите за зголемување на производството на нафта на 13 милиони барели дневно, но министерот за енергетика на Саудиска Арабија, Абдулазиз бин Селман, укажа на оваа цел до 2027 година во својата изјава во мај. Саудискиот министер за енергетика тогаш изјави дека цел во овој период е да го зголемат производството на нафта за повеќе од милион барели, вкупно 13 милиони барели.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).