Министрите за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, денеска во Софија го потпишаа билатералниот протокол, еден од документите кои беа потребни да се постигнат пред почетокот на преговорите.
Протоколот беше потпишан во рамки на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија, согласно членот 12 од Договорот за добрососедство.
Османи изјави дека имале конструктивни и суштински разговори за работата на петте групи и, според него, во протоколот може да се види дека доста е сработено и сите кои биле вклучени максимално се вложиле да има проекти, меморанди и документи со кои односите на двете држави отвораат ново поглавје со цел соработката да биде поблиска и заснована на доверба.
„За нас е историска можност што после 17 години кандидатски статус РСМ добива можност да ги почне преговорите уште утре, задутре со ЕУ што почнува последната фаза од нашето пристапување кон ЕУ. Се надеваме и овој билатерален процес на соработка со Република Бугарија, меѓутоа и другиот пат на пристапни преговори со ЕУ ќе овозможат поблиска соработка меѓу двете држави. Очекуваме поддршка од страна на Република Бугарија на овој пат кој што почнува на пристапни преговори на членство во ЕУ“, рече Османи.
Генчовска рече дека средбата била корисна и бил нотиран напредок во сите секторски групи. Според неа, сега останува да се исполни договореното за што ќе биде потребен сериозен ангажман од двете држави.
видео: BNT