Премиерот Ковачевски, во интервју за РТС, говорејќи за влијанието на војната во Украина врз лошата економска ситуација во Европа, вклучително и во земјите од Западен Балкан и Северна Македонија, посочи дека како нејзин резултат е енергетската и економска криза која е најголема по Втората светска војна и тоа го покажуваат сите извештаи од берзите за суровини, за енергенси, за прехранбени производи, а го покажуваат и билансите на државите и мерките кои тие ги преземаат, како членките на ЕУ и оние кои се надвор од неа.
„Точно е дека еден од постулатите на моето експозе дадено во јануари отпочнување на преговори со ЕУ е остварено и точно е исто така дека ние успешно се справивме со енергетската криза во текот на минатата зима којашто беше огромна и успеавме да обезбедиме непречено снабдување со електрична енергија за граѓаните, да нема ценовен шок и да обезбедиме непречено снабдување со топлинска енергија која исто така е проблем и исто така таму да нема ценовен шок“, рече Ковачевски.
Тој подвлече дека, во однос на обезбедувањето на храна, се покажува огромната придобивка од Иницијативата Отворен Балкан, која резултира со Договор за обезбедување на храна помеѓу Северна Македонија, Србија и Албанија.
Исто така, додаде Ковачевски, соработката се покажа како исклучително позитивна, кога не се дозволи да има ниту еден ден недостаток на основни прехранбени производи ниту на пченица, пченка, нерафинирано, рафинирано масло за јадење, кое што беше обезбедувано од Република Србија според квотите, кои ги има за Северна Македонија, но, исто така и од Северна Македонија за Албанија според квотите кои ги имаме со нив. Оваа соработка и здружување и солидарност ќе продолжи и во текот на претстојната зима, која се очекува да биде најтешка по Втората светска војна.
„Се работи на активирање на сите производствени капацитети кои ги имаме во државата за производство на електрична енергија. Дополнително обезбедување на енергенси кои се потребни и суровини за производство на електрична енергија. За тоа ќе бидат потребни големи издатоци од Буџетот, веќе пресметките покажуваат дека издатоците кои ќе треба да ги направиме и трансферот во Буџетот се над 300 милиони евра, со оглед на тоа што државата мора да ја субвенционира цената на електричната енергија за граѓаните односно за регулираниот пазар и малите потрошувачи. Исто така и другите енергетски капацитети кои ги имаме, а се во приватна сопственост како што се когенеративни гасни централи или други централи од обновливи извори на енергија, веќе разговараат ресорните министерства да бидат ставени во функција со цени на електрична енергија коишто ќе бидат понудени на стопанството и кои ќе овозможат електрична енергија по оптимални и прифатливи цени, кои стопанските субјекти во државата мора да ги издржат“, информираше Ковачевски во интервјуто.
извор: Влада
фото: Влада