ВМРО ДПМНЕ: Нема оправдување за високата инфлација, таа е неуспех на Владата и централната банка

0
254

Нема оправдување за високата инфлација. Таа е неуспех на Владата и централната банка.
Во неможност да се одбрани неуспехот на Владата и НБРМ во борбата со инфлацијата, сега се виновни други структурни фактори на економијата.

Но дали држат тезите за тие структурни фактори? Фактот дека имаме значајно повисока годишна стапка на инфлација во Македонија којашто во ноември е 19,5% наспроти речиси двојно пониската инфлација од 11,1% во ЕУ, започнува да се брани со тезата дека причината е вкупната трговска отвореност на македонската економија која е 140% од БДП, а во ЕУ е околу 70% од БДП. Ова значело дека кај нас посилно се пренесувале надворешните шокови. Но во рамки на ЕУ, има држави кои имаат повисока трговска отвореност, а со пониска инфлација од нас, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.
Во продолжение го пренесуваме соопштението во целост:

Како Луксембург, Малта, Ирска, Словачка, Белгија, Кипар, Словенија и Холандија, кои имаат значајно повисока трговска отвореност од нас имаат пониски стапки на инфлација од нашата? Значи доколку се стави вкупната трговска отвореност во корелација со инфлацијата е значајно погрешно. Зар тоа што странските производни капацитети во слободните економски зони и надвор од нив формираат речиси 60% од вкупната трговска отвореност на Македонија е фактор за инфлацијата? Па ние не јадеме машини, делови за автомобили и опрема…
Или пак земји надвор од ЕУ како Црна Гора со пониска трговска отвореност од нас има приближно висока инфлација како кај нас, или пак Турција која има ниска трговска отвореност од само 70% има виска инфлација од 84%? Кај Турција инфлацијата е заради значајната депрецијација на турската лира, како што дел од инфлацијата во евро зоната е заради депрецијација на еврото во однос на доларот или пак како што депрецијацијата на националните валути на Унгарија, Полска и Чешка во однос на еврото е причина за дел од инфлацијата во овие земји. Е сега замислете, ние преку силните интервенции на девизен пазар со девизните резерви немавме депрецијација на денарот (остана стабилен), а сепак имаме една од највисоките инфлации во Европа. Што ќе беше ако увезените цени беа уште поскапи заради депрецијација на денарот? Веројатно ќе имавме инфлација како во Турција.

Но, да немавме девизни резерви пополнети од нето-извозниците, домашни и странски, последните кои се донесени во време на Владата на ВМРО-ДПМНЕ немаше да имаме девизни резерви. Значи, структурните политики од некој друг период се најдоа и во услови на тековни кризи. Интервенциите со девизните резерви за заштита на курсот биле и ќе бидат нешто за што има консензус во економијата, кој не спаси од уште повисока инфлација. Но, не се спасиме од неуспешноста на Владата да преземе навремени мерки, енергетскиот менаџмент да испорача струја и од не навременоста на НБРМ да преземе и комуницира јасно со јавноста дека ја затега монетарната политика со сите можни инструменти. Кај нас сегашната ситуација е како после свадба тапани.

На крај, уште еден фактор се сака да се протне за да се објасни двојно повисоката инфлација во Македонија од онаа на ЕУ. Тоа е дека кај нас енергетската интензивност е повисока од ЕУ, односно дека ние користиме повеќе енергија за едница производ. Ако е така, како тогаш Белгија, Бугарија, Чешка, Холандија, Словачка, Словенија, Полска, Кипар кои имаат повисока енергетска потрошувачка за единица производ имаат пониска инфлација од кај нас?

извор: ВМРО ДПМНЕ