Антикорупциска акција во Албанија: Приведен градоначалникот на Булќиза

0
136

По налог на Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК  синоќа приведен  е градоначалникот на албанскиот град Булќиза, Лефтер Ала, јавија албанските медиуми.

Градоначалникот на Булќиза, Лефтер Ала  е уапсен од страна на државната полиција. Апсењето доаѓа по налог на СПАК, затоа што се товари за две обвиненија, за корупција и за злоупотреба на јавни тендери, наведува електронското издание на весникот “Коха јон”.

Според Топ чанел, приведени се и неколку други лица, сите вработени во општинската администрација,   а кои биле членови на комисијата за спроведување на тендерски постапки.

-Неговото апсење се случува на два месеца пред локалните избори, на кои не криеше дека од жителите на оваа општина ќе ја бара довербата повторно. На последните избори беше
избран како кандидат на владејачката Социјалистичка партија, наведува телевизијата.

Булќиза е познато рударско градче во близина на албанско – македонската граница на дваесеттина километри од Дебар.

Во јули 2021 година за злоупотреба со тендери беше уапсен  градоначалник на Љушња, Фатос Туше, кој веќе е на  издржување на  затворската казна. И тој е од редовите на социјалистите.

Извор: МИА