(ВИДЕО) Полицајци при претрес на дом, седнале да јадат со криминалецот

Објавено е видео на кое загрепските полицајци кои дошле да ја претресат куќата на Томислав Сабљо седат на маса со него и ги пробуваат сирењето и чварките што им ги нуди.

Полицијата потврди дека видеото е снимено во декември 2021 година и дека тројца полицајци биле отстранети од служба поради тоа.

„Утврдено е дека видеото е направено во декември 2021 година, при претрес на домот на осомничениот како дел од кривична истрага и дека на видеото се осомничениот и полицаец кои учествуваат во претресот. Покрај него, уште двајца полициски службеници учествувале во претресот.

Началникот Рашиќ ги разреши сите тројца полицајци и против нив ќе поднесе барање за поведување дисциплинска постапка. Од снимката за настанот веднаш е известено надлежното државно правобранителство.

На видеото се гледа како Сабљо седи на полна маса со јадење, а полицаец во цивилка пишува нешто. Сабљо му нуди да го проба сирењето: „Пробај го сирењето, за да не кажеш дека не си го пробал. Само кркај, Роки“. Полицаецот потоа зема сирење.

Во разговорот се приклучуваат и другите во собата. Во еден миг Сабљо пак му се обраќа на полицаецот: „Ти го направи најдоброто досега, пишуваш…Пробај и чварки, тие се најдобри“. Полицаецот нешто му одговара, но не се разбира бидејќи зборува со полна уста.

Сабљо беше убиен на 21 април во ноќниот клуб Риц во Загреб. Тој е убиен по физичка пресметка меѓу неколку лица. Мажот осомничен за убиство е уапсен и е под полициски надзор. Во тек е истрага и кривична истрага. Сабљо беше убиен од обезбедувањето на клубот околу 4:45 часот.

Тој претходно беше уапсен и обвинет во акцијата Тебра како еден од водачите на криминалната организација која шверцувала дрога, палела автомобили и наплатувала долгови.

Сабљо, Томислав Сучиќ, Ѓорѓе Вулетиќ и уште 17 лица кои се поврзани со синџирот на шверц на дрога од Албанија и Црна Гора, преку Босна и Херцеговина до Хрватска, беа уапсени во јули 2019 година во голема полициска акција.

УСКОК се сомнева дека Сабљо и Сучиќ собрале група во Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија од мај 2016 до средината на мај 2019 година со цел набавка и шверц на марихуана.

Марихуаната најпрвин била складирана во близина на Љубушки во Босна и Херцеговина, а потоа со помош на граничен полицаец била транспортирана во Хрватска. Полицајка наводно учествувала во испораката на дрога на муштериите во Дугопоље или во Вргорац им ја предавала на членовите на групата кои ги превезувале во Загреб и Купинац.

Дрогата потоа ја продавале на други препродавачи и на овој начин, осомничените од УСКОК, во Хрватска прошверцувале најмалку 15,7 тони марихуана.

Водачите на групата организирале и набавка на 1.335 грама кокаин, со што заработиле вкупно најмалку 84,6 милиони куни.

 

24sata.hr