(ВИДЕО) ЦУК бара дозвола за отстрел на премногу агресивни мечки

0
233

Отстрел на мечката која го нападна 76 годишниот маж во с.Пласница , бара директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Оттаму е поднесено барање до МВР да се лоцира и пронајде дивото животно, зашто како што оцени Ангелов, мечката била опасност за безбедноста на жителите во регионот. Потоа ќе се бара и проценка од надлежните министерства дали ќе се дозволи отстрел, откако претходно би се утврдило дека мечката е агресивна.

-Ќе побараме Министерството за земјоделство како и од Министерството за екологија да извршат проценка дали се исполнети условите за отстрел на оваа опасна мечка. Како ЦУК ние сме против убивање на мечките, но во случај на појава на опасна мечка, којашто неспорно нападнала човек и за којашто постои опасност повторно да нападне човек, да убие човек или истиот тешко да го повреди ние само ја покренуваме процедурата пред надлжните министерства.- вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Изминативе месеци, проблемот со мечките во мавровскиот регион беше особено изразен во селата Требиште Ростуше и Жировница. Ангелов информира дека по средба и разговори со градоначалникот на Маврово и Ростуше, како и со жителите од овој регион бил информиран дека периодов опасноста од мечките е значително намалена, но сеуште можеле да се забележат дивите животни во ноќните часови. Според Ангелов, за најефикасна досега се покажала мерката за пукање и заплашување на мечките.

-Денес од МВР побаравме да се организираат хајки со учество на припадници на полицијата со маневрска мониција- куршуми кои пукаат а немаат проектил за убивање, но и со други експлозивни средства, во зависност од самото место како што се шок бомби, коишто не може да убијат но силно може да го исплашат дивечот,- вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Од ЦУК денеска информираа и дека мало мече било смртно прегазено на локалниот пат кон с.Вејце, а дека МВР презема мерки за пронаоѓање на возачот, кој го напуштил местото. Мечка и пред 20-ина дена беше смртно прегазена од возач на патот Тетово – Јажинце.

извор: Канал 5