Османи ги урна надежите на продолжување на рокот за пасошите – Да не им се дава лажна надеж на граѓаните

Наместо лажна надеж и иницијативи за уставни измени и промена на закони со кои пасошите со старото името ќе важат и по истекот на рокот, на 12 февруари, фокусот сега треба да се стави на тоа што е можно повеќе луѓе да добијат нови лични документи, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи. За пролонгирање на рокот ќе треба нов договор со Грција, оти ова не е одлука на една Влада, додава тој.

Во овие услови нема надеж дека пасошите со старото име на државата ќе важат по 12 февруари, кога истекува рокот според Преспанскиот договор потпишан со Грција, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања на 17 декември.

Помалку од еден месец останува за граѓаните да си ги сменат лични документи и да добијат нови со уставното име на државата – Северна Македонија.

Но долгите редици и турканиците и пред пунктовите за фотографирање за документи и за издавање не пасоши, лични карти, возачки дозволи не престануваат.

Тие со лични карти со старото име, може да здивнат, оти Министерството за внатрешни работи (МВР) на 16 јануари соопшти дека личните карти, оти се документи за внатрешна употреба, чиј рок не е истечен ќе продолжат да важат и по 12 февруари.

Проблем остануваат само оние што имаат пасоши кои не се со името Северна Македонија.

Според договорот потпишан со соседна Грција, на Северна Македонија ѝ беше даден рок од пет години за граѓаните да извадат лични документи со новото име. Но државата доцнеше со издавање на документи со новото име, па немаше обрасци, па нема термини за фотографирање, со што на истекот на рокот многу луѓе се уште немаат сменети документи.

Подобро искреност отколку заглавени граѓани на граница

Министерството за внатрешни работи за Радио Слободна Европа одговори дека од 5 јули 2021 до 16 јанаури 2024, издале 1.050.439 лични карти, 1.211.776 пасоши и 546.741 возачки дозволи.

Министерот Османи вели дека пролонгирањето на рокот не е одлука на една влада, оти станува збор за меѓународен договор, па, фокусот сега треба да биде на негово исполнување, а не на ветувања и иницијативни дека може да се смени. Затоа, вели тој, не треба да им се праќа порака на граѓаните да бидат безгрижни и дека државата сè ќе среди, а потоа да им се каже – Не, не успеавме! Но товарот треба да го понесе државата, а ако треба и на некој начин да им компензира на граѓаните, изјави Османи.

„Дајте во овој период наместо инцијативи за одложување да имаме иницијативи за промена на документите. На 12 февруари, тоа што ќе остане нерешено да седнеме да најдеме начин како да им олесниме на граѓаните. Се обидувам да бидам брутално искрен, меѓутоа покоректно е да сум сега отколку после тоа граѓаните да останат на граничните промени и, на некој начин, ние да сме причина за тоа“, рече Османи.

Текстот во целост на: slobodnaevropa.mk