Земји од поранешна Југославија до крајот на оваа година или почетокот на следната ќе го лансираат првиот сателит во вселената. Звучи нестварно, но благодарение на Вселенската асоцијација на југоисточна Европа, сѐ е поизвесно дека тоа наскоро навистина ќе се случи. Асоцијацијата ја сочинуваат Центарот за едукација и роботика, иновација и технологија од Мостар, Комитетот за развој на вселенска програма од Нови Сад,„Montenegro space Research“ од Подгорица, „Adriatic Aerospace Association“ од Загреб и Центарот за иновации и технолошки развој „Navia“ од Скопје. Сите имаат иста цел, а тоа е напредок и проширување на вселенската програма во земјите од регионот.
„Секогаш постоеше стремеж да се обединиме. Заедно сме посилни и подобри. Тоа се случи, обединети се тимови од Србија, Црна Гора, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Индиската вселенска агенција по повод 75-годишнината од независноста, ќе лансира 75 сателити во вселената – три ракети со по 25 сателити. SESA великодушно подари еден сателит, и тој сателит ќе праќа порака која подоцна ќе ѝ ја дадеме на јавноста“, изјави за Агенција Анадолија Анес Хаџиомеровиќ, шеф на CERIT од Мостар.
Секоја држава членка на проектот презела задача да постави антени што ќе им бидат достапни на граѓаните, а до кои ќе може да се пристапи преку интернет. Во моментов во тек е поставување на статични станици наменети за комуникација со сателитите.
„План е покрај лансирањето, да се постават антени на земјата, бидејќи подрачјето на Балканот е погодно за прелетување на сателити. Овој регион не е покриен со антени. Овие антени ќе се постават во 5 земји, а ќе бидат достапни за секој кој има потреба од нив“, истакна Хаџиомеровиќ.
На крај, целта е проширување на знаењето за вселенските технологии, планирајќи наскоро започнување и на ракетна програма.
„Во план е спроведување на вселенска програма за осмоодделенци, средношколци и студенти. Ќе ги едуцираме како да изработуваат мали сателити. Тие сателити имаат иста задача како и вистинските сателити, но во помала мерка. Тие ќе пресметуваат одредени телеметриски податоци, за осмоодделенците сателитите ќе се лансираат со помош на вода, односно со боци исполнети со вода. Потоа ќе се отвори падобран и при слетување ќе собира податоци и ќе ги испраќа до компјутер. За студентите планираме работа со ракетно гориво. Безбедноста ни е на прво место и затоа на ова поле не сакаме да работиме со осмоодделенци. Сакаме да ја прошириме вселенската програма и да тргнеме од почеток и да се развиваме во нешто многу поголемо. Подобро е да се биде девелопер отколку само јузер“, истакна Хаџиомеровиќ.
Текстот во целост на: Агенција Анадолија
фото: Агенција Анадолија